Убедлив трипл дабл на Јокиќ, недоволен за елиминација на Лејкерси

Лос Анџелес Лејкерс конечно ја прекина серијата од 11 последователни порази од Денвер, како и метлата која им се закануваше. Намалија на 3:1.

Лејкерси ноќеска славеа дома со 119:108 и со тоа избегнаа две години по ред да бидат елиминирани со 4:0 од Денвер.

За разлика од претходните два меча во кои беа постојано во водство, овој пат не ја испуштија предноста која ја имаа во текот на цел меч и не дозволија пресврт.

На полувреме имаа +13, а во еден момент и +19, предност која Нагетси успеаа да ја стопат на -7.

Јокиќ оствари моќен трипл дабл со 33 поени, 14 скока и 14 асистенции, Портер имаше 27 поени и 11 скока, а Мареј го заврши мечот со 22 поени, 6 скока и 5 асистенции, но со лош шут од игра.

Кај Лејкерси Леброн Џејмс имаше 30 поени, 5 скока и 4 асистенции, а Ентони Дејвис 25 поени, дури 23 скока и 6 асистенции. Помош овој пат добија и од клупата.

Серијата се враќа во Денвер во вторник во 4 наутро. 

28 април 2024 - 08:54