Сјајниот Ненад Димитријевиќ цел на многу евролигашки клубови

Дваесет и шест годишниот репрезентативен плејмејкер ја игра кошарката на кариерата во последните пар сезони. Откако во 2022-ва од Валенсија се пресели во Русија, Димитријевиќ е прогласен за МВП на лигата и лани кога освои шампионска титула во првата сезона, а и сега е на добар пат да ја одбрани титулата во ВТБ лигата и доби МВП признание. Овие партии не минаа незабележително.

Иако извесно време Димитријевиќ беше поврзуван со белградски Партизан, тој никогаш не доби понуда од црно-белите а во меѓувреме го продолжи богатиот договор со УНИКС Казан со кого ќе игра во полуфинале на ВТБ лигата.

Димитријевиќ доби МВП награда и за најдобар играч во регуларниот дел од сезоната зошто во просек имаше по 19 поени со 6,6 асистенции и 3,6 скока.

Познатиот новинар Христос Харпидис ги пренел натписите на порталот Ла Република Болоња кој пишува дека Олимпија Милано и Виртус Болоња имаат голема желба да го ангажираат македонскиот репрезентативец.

Притоа прв чекор веќе направил и турскиот гигант Фенербахче кој наводно веќе и пратил понуда на адреса на УНИКС.

Се уште нема никаква официјална потврда, но факт е дека Скопјанецот ја надрасна ВТБ лигата и дека е сигурно спремен за најголеми предизвици во силната Евролига.

6 мај 2024 - 09:52