Норвежанец му даде 4 гола на Реал Мадрид за 17 минути

Во претпоследното коло од шпанска Ла Лига, Виљареал и Реал Мадрид одиграа спектакуларен меч кој заврши со дури осум гола! На крајот реми 4:4. „Кралевите“ водеа 1-4 но норвешкиот шпиц Александар Серлот беше упорен и не дозволи Виљареал да изгуби.

Реал Мадрид веќе ја прослави титулата со шампионски пречек на плоштадот Сибелес во Мадрид каде илјадници навивачи ги поздравија своите јунаци. Тогаш фудбалерите на Реал од отворен автобус славеа со своите приврзаници.

Очигледно веќе не се мотивирани за настапи во Ла Лига па иако водеа 1-4 против Виљареал, на крајот не победија.

Најзаслужен за тоа е Норвежанецот Александер Серлот кој им даде четири гола! Влезе во историската книга на рекорди како еден од ретките кои Реал Мадрид го матирал четири пати на еден ист меч. И тоа пазете: во рок од само 17 минути.

Реал Мадрид го отвори резултатот преку младиот Турчин Арда Ѓулер кој во 14’ минута го постигна својот трет гол откако е во Реал. Во 30-та минута Хоселу зголеми на 0-2, а Серлот во 39-та минута намали на 1-2. Сепак „кралевите“ до полувреме дадоа уште два гола, преку Арда Ѓулер и Лукас Васкез и водеа 1-4.

Но Норвежанецот на стартот на вториот дел од 48-ма минута до 56-та постигна уште три гола и со вкупно четири ги постави конечните 4-4.

Со овие четири гола Серлот изби на првото место на листата стрелци во Ла Лига со 23 гола, два повеќе од украинскиот центарфор од Жирона Артјом Довбук кој има 21.

Ова е трет пат во поново време еден ист играч на Реал Мадрид да му дава 4 гола на еден натпревар. Минатата сезона тоа го стори Валентин Кастељанос кој во дресот на Жирона четири пати ја тресеше мрежата на „кралскиот клуб“, а пред 12 години Роберт Левандовски во дресот на Борусија Дортмунд исто го растури Реал со дури четири гола и тоа беше сензација.

Реал Мадрид сега можеше да освои 99 бода и да го израмни рекордот од сезоната 2011/2012 но на коло пред крајот има 94 бода а ги чека уште дуел со Бетис на крајот.

20 мај 2024 - 09:09