Луѓе, овој Баер Леверкузен дефинитивно не е нормален

Баер Леверкузен е финалист на Лига Европа откако синоќа режираше нова драматургија. После триумфот 0-2 во Рим, синоќа на својот стадион губеа со 0-2 од Рома но во последни секунди од мечот израмнија на 2-2, ја продолжија ненормалната серија од 49 меча без пораз и направија ново чудо!

Верувале или не, дури 17-ти пат сезонава Баер Леверкузен дава гол после 90-та минута. Така беше и синоќа против Рома.

Реваншот од полуфиналето на „Бај Арена“ започна во доминација на германскиот шампион кој кружеше околу голот на „римската волчица“ и бараше погодок со кој ќе стави точка на патникот во големото финале на Лига Европа.

Леверкузен создаде неколку шанси во првиот дел, но не ги искористи. Рома по една навидум несериозна акција, од левата страна, кога центрираше Залевски, во шеснаесетникот на Леверкузен стоперот Џонатан Та го собори Сердар Азмун, доби пенал.

Го реализираше Леандро Паредес во 43' минута и Рома се врати во игра:

Иста слика и во вториот дел. Леверкузен играше, бараше гол, доминираше во поседот на топка, но на голот на Рома беше одличниот Миле Свилар кој одбрани неколку удари кон неговиот гол.

Во 66' минута шок на целиот стадион. Рома повторно доби пенал откако после еден корнер домашниот играч Адам Хложек играше со рака. Леандро Паредес одново прецизен за 0-2 и стигната предноста на Баер од првиот меч:

До крајот ретко кој не веруваше дека серијата на Баер Леверкузен ќе сопре, но не и фудбалерите на Чаби Алонсо.

Во 82' минута по еден центаршут, голманот на Рома Миле Свилар кој до тој момент бранеше фантастично, направи голем кикс, ја испушти топката од раце, таа се одби од Џанлука Манчини кој си даде автогол. 1-2:

„Аспирините“ како и многу пати сезонава, тргнаа во фото-финиш, да направат нов подвиг.

И го направија!

Во 90+7' минута, во последните секунди од мечот Јосип Станишиќ израмни на 2-2 за делириум на стадионот и голема радост на теренот. Конечни 4:2 со кои Баер Леверкузен оди во големото финале на Лига Европа во Даблин каде ќе игра против Аталанта.

Екипата на Баер Леверкузен го урна рекордот на Бенфика кој датира уште од ХХ век односно од 22. декември 1963-та до 7-ми февруари 1965-та. Цели 60 години подоцна Баер Леверкузен поставува нов рекорд со 49 меча без пораз!

Верувале или не, ова е дури 17-ти гол на Баер Леверкузен во или после 90-та минута сезонава! Дури 12-ти пат избегнуваат пораз после 90-та минута! Вакво нешто досега не е видено.

10 мај 2024 - 07:09