Усик го разби Тајсон Фјури и стана прв апсолутен шампион во XXI век

Со поделени одлуки на судиите, во „Кралска Арена“ во Ријад, Саудијска Арабија пред речиси 30.000 гледачи, Украинецот Александар Усик го совлада до синоќа неприкосновениот шампион Тајсон Фјури од Велика Британија.

По 12 рунди феноменален боксерски меч, двајца судии бодуваа за Усик (114-113 и 115-112) а еден за Фјури (114-113). Ова беше прв пораз во 15-годишната кариера на Тајсон Фјури.

37-годишниот Усик, роден во главниот град на Крим, Симферопољ, многу подобро ја почна борбата, но во шестата рунда изгледаше дека Фјури како многу пати досега, тргнува во конечна разврска и со неколку сјајни комбинации добро го раздрма противникот.

По исцрпувачки бокс, Усик во деветтата рунда покажа зошто е најдобар борец во своето време и со разновиден и сјаен бокс го притисна ривалот во теснец и го прати во нокдаун.

Во еден момент од деветтата рунда Тајсон Фјури прими доста ударци и судиите уште тогаш можеби требаше да го прекинат мечот затоа што Британецот не се бранеше активно и не возвраќаше.

Гонгот го спаси изгубениот Фјури и веќе тогаш беше јасно дека Усик оди по триумф. Но битката меѓу титаните не заврши во 10. рунда, туку се боксуваше дури до 12-та рунда кога заврши еден од најдобрите дуели во последните години.

Со одлука на судиите, Усик заслужено победи и сега е сопственик на сите најголеми шампионски титули на денешницата - појаси во WBA, WBC, IBF, WBO, IBO, како и називот линеарен светски шампион.

206 сантиметри високиот Тајсон Фјури после овој прв пораз во кариерата (34 победи и 1 реми) мораше да му честита на ривалот но напротив...

„Усик доби некои рунди но убеден сум дека јас добив повеќе. Неговата земја е во војна, а луѓето генерално фаворизираат такви ситуации...“, изјавил Фјури кој подоцна му честитал на Украинецот и му најавил реванш за октомври.

ДВА РАЗЛИЧНИ СВЕТА

Александар Усик и Тајсон Фјури се два различни света во се. Едниот е висок 191 сантиметар со распон на раце 198 см а другиот е најтешкиот боксер во современиот свет со висина од 206 сантиметри и распон на раце до 216 сантиметри.

Усик има 37 години но покажа највисоко ниво на светски, првокласен бокс. Во 2023-та година го нокаутираше младиот Даниел Дубуа со само еден примен удар во реон на појасот а претходно ја освои дилогијата против фамозниот Британец Ентони Џошуа.

Тајсон Фјури во 2023-та боксуваше против поранешниот УФЦ борец Франсис Нгану и за малку не изгуби додека беше во нокдаун, а судиите на крај решија дека Фјури е победник.

Тајсон Фјури за мечот сега со Усик дошол две недели порано во Саудиска Арабија а Усик за една. Фјури бил измерен 118 килограми, осум помалку отколку што бил тежок за дуелот со Нгану лани. Ова било прв случај Фјури да биде измерен помалку од 120 кг од 2020-та година. На пример на дуелот со Кличко Фјури имал 112 кг а против Ото Валин 115 кг.

Усик и Фјури има престижни појаси и непобедливост. Британецот имаше рекорд 34-0-1 а Усик од синоќа 22-0 и статус прв апсолутен шампион во тешка категорија во последните 25 години. Последен таков првак беше Ленокс Луис кој синоќа го гледал дуелот во живо.

Од трибините мечот го следеле и Стивен Џерард, Кристијано Роналдо, Ентони Џошуа и многу други познати лица.

19 мај 2024 - 08:39