И Европа не знае баш кај тера со Русите

Русите кои на почетокот од војната избегаа од Русија во странство, сега се враќаат назад во својата татковина давајќи и значителен залет на руската економија. Од каде ваков наплив на патриотизам кај лица што пред 2 години избегале? Прашајте ја ЕУ.

На почетокот од војната милиони Руси избегаа од земјата што беше прогласено за сериозен удар за Русија бидејќи главно се работеше за високообразовани кадри, неопходни за економијата на која било земја. Сега илјадници и илјадници од нив се враќаат дома.

Причина за ова е што ЕУ и останати држави изминативе две години дадоа сè од себе за на пребеганите Руси да им го отежнат обновувањето на дозволите за престој и обидите за префрлање работа и пари од Русија во други држави.

Официјални руски бројки се дека половина од тие што си заминале се вратиле во земјата. Неофицијални, пример на компанијата за селење Финион од Москва, е дека се вратени 40 до 45 проценти од тие што напуштија.

Секако без разлика на ваквите проблеми и компликации, руската пропаганда новиот тренд го објаснува како знак за поддршка на политиките на владата и доказ за русофобијата на Западот.

„Илјадниците повратници исто така и помагаат на Русија да ги издржи воените санкции и да испорача солидни економски резултати. Според Блумберг економикс, на повратната миграција најверојатно отпаѓаат меѓу една-петина и една-третина од руските 3,6% годишен економски раст во 2023,“ пишува Блумберг.

Дополнителната математика ја покажува тежината на професиите кои почнале да се враќаат во Русија, па овој удел од 20 до 30 проценти во БДП-то е постигнат и покрај тоа што вратените работници претставуваат само 0,3% од вкупната руска работна сила.

„Прво, мигрантите кои се враќаат обично добиваат повисоки плати и се вработени во индустрии кои создаваат поголема додадена вредност. Второ, вратените работници ја зголемуваат активноста во индустриите кои се фокусирани кон домашните потрошувачи, како услуги за домаќинство, малопродажба и недвижности, наместо своите приходи да ги трошат во странство. Ова исто така значи и намалување на одливот на капитал од Русија во 2023,“ објаснуваат од Блумберг економикс.

Уделот на Русија во новиот тренд е што почнува да нуди подобри услови и плати за привлекување на избеганите стручни лица во различни индустрии, пример, програмери за Блумберг изјавуваат дека добиле плата и услови да се вратат во Русија „за какви претходно не можеле ни да сонуваат“.

Освен ЕУ, слично со Русите постапија и „пријателски“ држави како Ерменија и Киргистан, а Турција на пример преку ноќ ја изненади тамошната руска заедница објавувајќи дека бројот на краткорочни визи го намалува од 132.000 на 60.000.

Очекувањето на европските експерти е дека процесот на враќање ќе продолжи и во иднина бидејќи само 41% од руските мигранти (во одредени држави и 16%) сметаат дека нивниот статус во странство бил стабилен или приближно стабилен. Плус на оваа бројка 25%‚ изјавиле дека претрпеле дискриминација од локалното население или од институциите.

„Тие откриле дека 'светот буквално е против нив'. Тие се враќаат со чувство на презир и чувство дека 'Путин сепак не погрешил толку многу, тие сепак нè мрзат,'“ објаснува социологот од СФГ (Social Foresight Group) која ги интервјуира руските имигранти, Ана Кулешкова.

3 мај 2024 - 11:36