Британија забрани лесни пасворди

„123456“, „admin“ и „password“ повеќе нема да бидат дозволени во Британија, а уредите кои ќе доаѓаат со лесни лозинки ќе се смета дека не ги исполнуваат минималните стандарди за безбедност.

Бидејќи нема елегантен начин како да им ги провериш пасвордите на сите корисници, новиот британски закон важи само за производителите на најразлични паметни уреди од телефони, до телевизори, фрижидери и ѕвончиња, кои се поврзуваат на интернет.

Намерата е од една страна да се заштитат корисниците од најразлични хакерски напади, од друга, да се заштити интернет инфраструктурата од масовни напади од голем број хакнати уреди.

Освен пасвордите новиот британски закон предвидува дека брендовите ќе мора да ги објават своите детали за контакт за да може да се пријавуваат багови и проблеми со уредите, плус мора да се транспарентни со тајмингот на безбедносните апдејти.

Законот е дел од новите мерки што Британија ги презема за „засилување на британската отпорност кон сајбер-криминалот“.

30 април 2024 - 10:05