Некогаш само треба да однесеш колачи

Една чистачка во институтот Туксбери во Масачусетс во еден момент го начекува др. Френк Мејфилд кој ја наоѓа во просториите на институтот и бара да му раскаже за историјата на местото. Од таму, наводно, доаѓа приказната за жената заради која што денес ја знаеме Хелен Келер.

Чистачката на која не ѝ го знаеме името (има и зошто), го симнува докторот во подрумски простории, во најстариот дел од зградата, каде што имало мали затворски ќелии, му покажала на една од нив и му рекла дека таму ја чувале Ени Саливен.

Ени била млада девојка што ја донеле таму затоа што била „непоправлива“ - никој не можел ништо да постигне со неа. Гризела и врескала и фрлала храна по луѓе. Лекарите и сестрите не ја ни прегледувале - кога се обидувале, ги гребела и ги плукала.

А чистачката вели вака:

„Јас бев само неколку години помлада од неа и си велев, би ми било ужасно да бидам така затворена во кафез. Сакав да ѝ помогнам, но немав поим што да правам. Ако сестрите и докторите не можат да ѝ помогнат, што може да направи некој како мене?

Не знаев што да правам, па ѝ направив колачи една вечер после работа. Следниот ден ги донесов. Внимателно дојдов до нејзиниот кафез и ѝ реков, Ени, ги направив колачиве само за тебе. Ќе ги ставам овде на подот и ти дојди земи си ги ако сакаш.

Потоа излегов што е можно побрзо затоа што ми беше страв дека ќе ме гаѓа со нив. Но, не беше така. Ги зема и ги изеде. После тоа беше малку пофина со мене кога ќе дојдев. А понекогаш и зборував со неа. Еднаш дури и ја насмеав.

Една од сестрите забележа и му кажа на докторот. Ме прашаа дали ќе им помогнам со Ени. Им реков дека ако можам, ќе помогнам. Така се случи тоа. Секогаш кога ќе сакаа да ја видат или да ја прегледаат, влегував во ќелијата со нив и прво ѝ објаснував и ја смирував и ја држев за рака.

Така открија дека Ени е речиси слепа.“

Работеле со неа околу една година и напорно било. Потоа се отворил институтот за слепи Перкинс, и можеле да ѝ помогнат, па учела таму и самата станала наставничка.

Ени се вратила да го посети институтот Туксбери и да види што може да направи за да помогне. Прво, директорот не рекол ништо, па донел писмо што го имал добиено. Некој човек му пишувал за ќерка му. Била подивена како животно, глува и слепа и „пореметена“.

Не знаел веќе што да прави, но не сакал да ја стави во лудница. Затоа пишал на институтот да праша дали познаваат некој што би дошол да работи со ќерка му.

Така Ени Саливен станува доживотна придружничка на Хелен Келер.

Кога Хелен Келер ја прашале кој имал најголемо влијание на нејзиниот живот и таа рекла „Ени Саливен“. Ени се спротиставува и вели дека жената со најголемо влијание на двата нивни животи е чистачката од Туксбери.

Зошто не ѝ го знаеме името?

Ако сето ова ви звучи премногу романтично, можно е да не сте далеку од вистината. Има луѓе што сметаат дека „чистачката од Туксбери“ ја измислила токму Ени Саливен, како парабола, а можно е дури и да не доаѓа од неа, туку од сестра која работела за истиот др. Френк Мејфилд од погоре, неврохирург и основач на клиниката Мејфилд во Охајо. Она што е сигурно точно е дека Саливен навистина живеела во ужасни услови во институтот.

Остатокот може да се гледа и како фина приказна: Некогаш е доволно само да донесеш колачи.

10 мај 2024 - 11:02