Зошто Италија е имуна на исламистички тероризам?

Без да им кобиме, ама не само што Италија заради Ватикан претставува најпосакуваната мета на исламистичките терористи, туку до сега по целата логика „мигранти = тероризам“ земјата требаше да биде редовно во глобалните вонредни вести.

Како што пишува Економист, „едно од најшареноликите објаснувања за италијанскиот исклучок“ е дека италијанската мафија ги има спречено џихадистите да зафатат корени во земјата. Според италијанските експерти, фалинката на ова објаснување е дека мафијата го контролира југот, а најголемиот дел од муслиманите во Италија живеат на северот.

Артуро Варвели од миланскиот Институт за политички студии, објаснува дека ова е точна претпоставка во смисла дека долгогодишната борба против мафијата и дава на италијанската полиција пошироки овластувања и непроценливо искуство во следење на затворени и таинствени групи. Тука не треба да се заборави и борбата на полицијата против домашните левичарски и десничарски терористички групи во 1970-те и 1980-те.

Италијанците немаат проблем ни со практикување на радикален пристап кон луѓето што го бранат тероризмот. На 24-ти септември годинава од Болоња за Тирана беше испратен Боинг 737 полн со 209 лица протерани од Италија заради "религиозен екстремизам". Само еден ден претходно од притвор беше пуштен 22-годишен муслиман кој бил уапсен затоа што се обидувал да ги убеди верниците да не влегуваат во црква.

Самите италијански безбедносни сили без поговор признаваат дека тие имаат помалку осомничени за следење отколку нивните француски и британски колеги, а тоа само делумно е затоа што голем број од нив се депортирани. На пример Италија има само 87 свои борци во ИСИС, во споредба со 760 од Британија или 2.500 од Франција.

„Варвели објаснува дека има две причини за ова. Прво, малкумина од италијанските муслимани мигранти припаѓаат на втората генерација, која е најподложна на радикализација (само 0,3% во споредба со 3% во Британија и 3,9% во Франција). Второ, Италија нема муслимански гета како што е случајот во Франција,“ објаснува Економист.

Гледано од Британија постои и трет фактор кој придонел за мирот во земјата, тоа што ал Каеда ја користи Италија како логистичка база за Европа. Како што објаснува Микеле Гропи од Одбранбената академија на Обединетото кралство, „им требаме, и затоа сето ова време сме безбедни“.

4 октомври 2017 - 11:10