Нова Каледонија се крена против францускиот колонијализам

Една од последните француски колонии, по ново „територии“, Нова Каледонија, се крена на востание против француските власти откако Париз одлучи да воведе нови правила за гласање кои локалците ги сметаат за нарушување на нивниот глас.

Вооружените немири почнуваат откако Франција одлучи на француските резиденти кои живеат во Нова Каледонија да им дозволи да гласаат на тамошните избори, со што нивниот глас ќе се изедначи со оној на домородниот Канаки народ, и со тоа, според аналитичари, би се „разводенила“ нивната волја. Предложената граница за гласање на локалните избори е 10 години престој на островот.

Сегашниот бунт започнува во април годинава кога десетици илјади луѓе излегоа на протест против предложените промени на правото на гласање. Промените само ја надополнија веќе постојната нетрпеливост на островот, на кој преовладува вообичаената колонијалистичка приказна во која дојденците Французи вообичаено се на повисоките и подобро платени позиции во општеството, додека домородното население вообичаено е посиромашно, со помало образование и преовладува меѓу затворската популација.

Нова Каледонија е под француска колонијална власт од 1800-те. Последен пат во 1980-те Канаки народот се крена на востание во кое сакаше да се стекне со независност од Франција, меѓутоа тоа заврши со договор кој овозможи повеќе од 3 децении мир.

По неколку денови претстрелки низ островите, запалени автомобили, блокади на автопатиштата и тамошниот аеродром, Франција на 15 мај прогласи вонредна состојба во Нова Каледонија која ќе трае 12 дена.

Во меѓувреме на островот се активирани сите полициски и воени сили, а стигна и засилување од „централата“ од околу 1.000 војници. Макрон во рок од една седмица три пати го свика советот за одбрана и безбедност за да разговараат за островот.

И покрај тоа што Нова Каледонија три пати до сега не успева да изгласа независност на референдум, оваа кауза и понатаму има огромна поддршка меѓу Канаки населението, чии предци илјадници години живеат на островот.

Процените се дека во почвата на Нова Каледонија се наоѓаат околу 25% од светските залихи на никел.

Викендов лидерите на уште четири прекуморски француски територии побараа повлекување на промените за гласање што Париз сака да ги воведе.

20 мај 2024 - 15:03