Дојде време да се забрануваат маски

Како во кој момент ѝ одговара на државата, така ќе ви одредува што да правите.  Она што довчера беше задолжително во време на пандемијата, носење маска  на јавно меасто, сега во Америка почнува да се забранува, дури и кога се работи за здравствени маски и дури кога тие се носат исклучиво од здравствени причини. Зошто? За да не може да се криете од полицијата кога протестирате.

Сенатот на Северна Каролина гласаше за општа забрана да се носи маска на јавно место, дури и поради здравствени причини.

Републиканските поддржувачи на забраната рекоа дека тоа ќе им помогне на органите на прогонот да процесираат демонстранти и бељаџии кои носат маски за да избегнат идентификација. Велат дека демонстрантите од пропалестинските протести ги злоупотребуваат практиките од ерата на пандемијата за да го сокријат својот идентитет.

Предлог-законот оди уште подалеку па не дозволува да се носат маски на јавно место и од здравствени причини. Ова особено беше критикувано бидејќи постојат луѓе, како на пример оние кои се на терапија за рак, кои имаат намален имунитет и кај кои секоја компликација и компромитација на имунолошкиот систем може да биде фатална.

Републиканците тврдат дека во спроведувањето на законот ќе се користи здрав разум и дека досега не е видено болна баба да биде уапсена на протестите.

Почетоците на забраната за маскирање потекнуваат од 1950-тите години кога требаше да се адресира проблемот со припадниците на  Кју Клукс Кланот.

16 мај 2024 - 13:35