Филозофијата на пионот

Пионот, како најмалку вредна фигура во шахот е единствената од сите фигури на која и е дадена опција да еволуира, но е и единствената која нема можност да отстапи наназад на боиштето.

Шаховската табла има 16 пиони, по 8 бели и црни. Секој од нив има можност да се движи само право напред по едно поле (освен ако на прв потег не одлучи да прескокне две полиња).

Како што му е ограничено движењето така на пионот му е ограничена и способноста да убие, и има цело едно филозофско толкување зошто е тоа така:

„Иако пионот се движи само право напред, тој не може да земе друга фигура движејќи се право, туку само дијагонално.

Причината за ова е затоа што ако пионот го погледне својот противник право во очи кога го убива, тој таму ќе го види само својот лик: ликот на работник. Во тој момент на него ќе му стане јасна вистината дека неговиот непријател е негов соборец, а неговиот крал всушност му е непријател.“

Пионот е една од фигурите која се задржува уште од времето на индиската игра Чатарунга која се смета за пра-предок на шахот, што се толкува како симбол за тоа дека низ вековите на секоја власт и биле неопходни пиони и плебс за извојување на своите битки.

Пример во средниот век во Европа секој пион имал и своја професија, па ако денес сите групно се водат како пешадија, тогаш биле (од лево кон десно):

- Коцкар (пред топот).
- Градска стража или полиција (пред коњот).
- Крчмар (пред ловецот).
- Доктор (пред кралицата).
- Трговец (пред кралот).
- Ткајач или писар (пред ловецот).
- Ковач (пред коњот).
- Работник / земјоделец (пред топот).

Сепак тоа што оди во корист на пионот е што креаторите што ги поставиле правилата одлучиле најслабата и највредна фигура да биде единствениот лик кој ќе може да еволуира и напредува од својата класа. Па, ако пионот успее да се пробие низ бојното поле (животот), без речиси никаква можност за маневрирање и по строго одредена патека, и да стигне до спротивната страна на таблата тој може да бира во која сака фигура да се претвори. Сите освен крал. Според правилата, играчот може да бира пионот да го замени за топ, коњ, ловец или кралица, меѓутоа заради доминантните способности на кралицата, речиси по дифолт нејзе ја одбираат, па се мисли дека тоа е задолжителната замена. За разлика од пионот, сите други фигури се заклучени во својата позиција во хиерархијата без можност за напредок.

10 февруари 2022 - 16:40