„Roar“: Феминистички бајки и врвна екипа

Минатиот викенд, на Епл ТВ се појави Roar. Уште кога се најави, имаше многу реакции - антологиска серија од 8 дела со Никол Кидман, Бети Гилпин, Синтија Ериво, Алисон Бри и Мира Сиал, меѓу другите. Уште повеќе се зголемија очекувањата кога се разбра дека епизодите се адаптирани по колекција од раскази со истиот наслов, чиј автор е Сесилија Ахерн (од P.S. I Love You).

Сега Roar е тука и јасно е дека вредело за толку реакција - апсолутно вреди да се гледа како комбинација од „Црно огледало“ и „Приказна за слугинката“. А не е како повеќето антологиски серии во последно време: за разлика од Американска хорор приказна, на пример, не е посветена на еден наратив, туку секоја епизода го транспортира гледачот во комплетно нова приказна што се случува во нашиот современ свет, често со научно-фантастичен или психолошки пресврт.

Издавачот вели,

„Сесилија Ахерн ги истражува бескрајните начини на кои жените се справуваат со непријателската средина и тоа со мудрост, снаодливост и емпатија. Ахерн ги зема секојдневните аспекти од женските животи - рутините, срамот, желбите - и ги крева овие моменти до неверојатно смешни и чудни висини, со одличен микс од магичен реализам и социјален коментар.“

Помалку дистописки од „Приказна за слугинката“, бајките ни се поблиски до нашите животи, и покрај мистичните елементи. А приказните се особено „блиску до дома“, благодарение на женската екипа и пред и зад камерите.

Од PureWow велат,

Roar е колекција од провоцирачки, феминистички бајки водени од најдобрите актерки во Холивуд. Иако серијата страда од кратка минутажа на епизодите, сепак сјае поради силната изведба, женската екипа зад камерите и приказните што ќе ви го држат вниманието до самиот крај.“

18 април 2022 - 20:59