Харпер Ли, Труман Капоте и неочекуваниот подарок што ја донесе „Да се убие птицата подбивница“

За тоа како луѓето што ја разбираат потребата од уметност можат да повлијаат на создавањето на едно од најважните книжевни дела и за пријателството на Харпер Ли и Труман Капоте.

Харпер Ли е родена на 28 април, 1926, во Монровил, Алабама, како најмало од четири деца. Татко ѝ бил адвокат и еден од сопствениците на локалниот весник. Голем дел од животот на Харпер, мајка ѝ страдала од ментални болести и ретко го напуштала домот - денес се верува дека се работело за биполарно нарушување.

Во средно, Харпер Ли почнува да се интересира за англиска литература. Дипломира во 1944, па оди на колеџ, каде што се издвојува од другите студенти - не ја интересира мода, шминка и дечковци, туку учење и пишување. Потоа оди на факултет, каде што и понатаму си е доволна сама на себе, но таму барем се обидела да создаде некаков социјален живот и се придружила на сестринство.

Со тек на време почнува да споделува со семејството дека пишувањето - а не правото - ѝ е вистинска пасија и оди на Оксфорд на размена. Потоа се враќа на правни студии од кои се откажува и се сели на север за да си го оствари сонот да биде писателка. За да издржи, продава карти за Истерн Ерлајнс на 23-годишна возраст.

Во Њујорк се спријателила со композиторот Мајкл Мартин Браун и неговата сопруга Џој и во 1956, за Божиќ ѝ даваат импресивен подарок: Финансиска поддршка во траење од една година за да може да даде отказ од работа и да се посвети на пишување. Ѝ помогнале да најде и агент, кој пак ѝ нашол издавач - Џ.Б. Липинкот Компани. Работела со уредник на ракопис со дејство сместено во гратче во Алабама, што со тек на време станал „Да се убие птицата подбивница“.

Еден од најблиските пријатели од детството ѝ бил Труман Капоте, тогаш Труман Парсонс и Ли, како „машкоданка“ често го штитела од другите деца. Него не го интересирале истите нешта како момчињата на негова возраст и го закачале заради облеката што ја носел и затоа што бил чувствителен. Капоте и Ли многу се разликувале, но заедничко им било што имале тежок живот по дома. Труман живеел со роднините на мајка му откако родителите го напуштиле.

Во 1950-те повторно се нашле во Њујорк, а во тоа време Капоте е веќе меѓу новите книжевни ѕвезди. Во 1956, Ли му се придружила на Капоте да му помогне да напише статија за Њујоркер, за убиството на четири члена на семејството Клатер во Канзас.

Заедно отишле во Канзас да интервјуираат луѓе, пријатели и роднини на починатите, како и на полицијата што го истражувала злосторството. Ли му помагала со интервјуата и со тек на време  ги освоила мештаните со нејзиното однесување и непретенциозност. Труман, со шарениот карактер и стил тешко допирал до нив.

Додека биле во Канзас, убијците била фатени и вратени на испрашување. Ли и Капоте успеале и нив да ги интервјуираат. Потоа се вратиле во Њујорк. Таа работела на првиот роман, а тој на статијата, што подоцна станува ремек-дело од нефикција - „Ладнокрвно убиство“.

Се вратиле во Канзас за судењето, а Ли на Капоте му ги дала сите забелешки, активно му помагала, а убијците Смит и Хикок ја поканиле да сведочи на нивната егзекуција, но ги одбила.

Кога конечно излегла книгата во 1966, Капоте и Ли се закачиле малку.

Капоте ја посветил книгата на Ли и на неговиот долгогодишен љубовник Џек Данфи, но не ѝ ги признал заслугите за делото. Ли била лута и повредена од ова предавство, но сепак се дружела со Капоте до крајот на неговиот живот.

Харпер ли умира од природна смрт во дом за стари лица во Монровил, Алабама на 89-годишна возраст.

9 мај 2024 - 10:20