Го гледавме „Безгрешно“ со Сидни Свини за да не морате вие

Ама, стварно не морате.

Што е тоа со филмовите од 2015 па наваму што не можат ни вода да им носат на тие до 2015 (од прилика)? Тука и таму ќе се појави некој исклучок („Џоџо Рабит“ е 2019) ама тоа се еднорози. Хиперпродукцијата, новите генерации што дојдоа со новите интереси што нам ни стануваат сè потуѓи и промената во описот на она што претставува филмска ѕвезда, нè тера да си пуштаме „Монк“ и „Сопранос“, додека на црвени теписи од петни жили се трудат да испромовираат сè што имале во фиока.

А не секое дело треба да види бел ден.

„Безгрешно“ (како зачнување) со Сидни Свини е супер од само два-три аспекти и немаат врска со приказната.

Прво, во денешно време, ако сакаш да играш во нешто што ти одговара, треба сам да си го продуцираш, а за таа намена, на импресивно млади години, Свини ја има основано Fifty-Fifty Productions и се појавува и како продуцент на филмот, освен што е главна улога.

Второ, без разлика дали е местено или не, религиозни групи и традиционални типови скокаа по социјалните мрежи обидувајќи се да го предупредат светот дека филмот е ужас, дека се исмева со сè што е свето, дека е срамота, дека е демонски, дека… Знаете како прават луѓе на интернет.

ПР-тимот на „Безгрешно“ веднаш одлучува дека токму тие изјави ќе ги искористи за постерите за филмот.

Одлично.

Тука некаде завршува одличното.

Филмот е уште една приказна за млада, но исклучителна калуѓерка, манастир некаде усвет и чудни свештени лица што живеат во него. И по насловот може да ви стане јасно што ќе ѝ се случи на нашата вонсериска, млада калуѓерка, ама „колку е навистина безгрешно тоа“, м?

Кинематографијата боледува од една напорна темница својствена за сите нови филмови, каде што ги подместуваш наочарите за да направиш разлика измеѓу многуте нијанси на црно, темносиво и темнокафеаво, па од таму да извадиш силуета, рака, нога, чудовиште, што треба.

Не кажува ништо ново - доаѓа, прво е сè баш фино, има две-три што отскокнуваат, се бунат, одма ќе настрадаат, па полека домаќините си го покажуваат правото лице.

И покрај тоа што препораката е да не се губи време, од спојлери се воздржуваме затоа што па, за вкусови не се расправа.

Веројатно ќе се понадевате при почеток, ама многу е можно да пристапите кон мотање и изгледување за 15 минути.

Крајот е глуп.

Заштедени саат и 29 минути, повелете и друг пат.

15 мај 2024 - 00:00