Како да немавме доволно спам на социјални мрежи

Од Исус-ракчe, до лажни селфиња, сликите креирани од вештачка интелигенција се најнова форма на спам со кој се гњават луѓе на интернет.

Се објавуваат сè повеќе слики, дотерани или комплетно креирани од ВИ и не поминуваат незабележано, напротив - добиваат и кликови и реакции од јавноста.

Во едно истражување од Опсерваторијата за интернет на Стенфорд прегледале над 100 Фејсбук страници со голема количина на содржини креирани од ВИ. Истражувањето не е до крај завршено, но има некакви резултати - со истражување на шеми на слики, се појавуваат докази за координација меѓу некои од страниците и истражувачите се обиделе да ги одгатнат целите на постерите.

Се постирале слики од бебиња генерирани со ВИ, кујни, или роденденски торти и тоа од различни причини.

Некои само сакале да добијат повеќе следачи; измамници краделе страници од реални производители за да продаваат производи што не постојат, слики од животни ги носеле луѓето до сајтови преполни со реклами, што пак на сопствениците им овозможуваат да соберат пари од прегледи.

Интернет спамери и измамници не се ништо ново. Веќе две децении се трудат преку мејл да ги истераат нивните пирамидални шеми, да лажат за осигурување и да бараат „добра душа што ќе ги преземе овие милиони долари“.

На социјалните мрежи, профитери со кликбејт статии малтретираат корисници со носење на сајтови полни спам. Корисниците реагираат со лајкови и коментари, а ова пак на кураторите им дава знак дека содржината е добра и треба да се донесе до уште повеќе луѓе.

Некои не се ни трудат богзнае колку - има барање да се оцени дело на човек што прв пат се обидел да слика, или да се посака среќен роденден на симпатичен старец - сè трикови на кои широките народни маси не можат да оддолеат.

Самата студија им го сменила алгоритмот на истражувачите. Откако ги посетувале и ги истражувале тие страници, почнале да добиваат предлози со уште повеќе сродни страници со ВИ-содржини. Различни теми, со едно заедничко - ВИ. А во моментов, иако понекогаш се појавуваат предупредувања, Мета не кине вештачка интелигенција.

Има и случаи каде што ВИ-клипови таргетираат деца на Јутјуб и има инфлуенсери на ТикТок кои користат генеративна ВИ за профит. Социјалните мрежи допрва треба да научат да се справуваат со ова - голема е можноста корисниците да почнат да се повлекуваат ако онлајн-светот има вештачки создадени објави на секој чекор.

Можеби е од прва јасно дека „Исус-рак“ е лажна слика, ама расте предизвикот за проценка што е реално, а што не.

2 мај 2024 - 08:28