Денеска во 15 часот беше соопштено дека Скопје е избран за европски главен град на културата во 2028 година. Главниот град на Македонија беше во потесен избор заедно со Будва во Црна Гора.
Скопје ја поднесе кандидатурата за европска престолнина на културата во 2018 година во мандатот на Петре Шилегов. Министер за култура тогаш беше Роберт Алаѓозовски.
Јапонската актерка Шоко Ито ќе ја изведе нејзината култна претстава „Баба самурај” на 7 јуни (петок) 2024, во големиот амфитеатар (А3) на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” при УКИМ.
Претставата се игра по повод јубилејот 30 години дипломатски односи меѓу Македонија и Јапонија. Претставата ќе биде второ гостување на актерката Ито на Филолошкиот факултет.
„Шоко Ито е јапонска театарска и филмска режисерка, актерка и ликовна уметница со импозантна меѓународна кариера. Настапила во 80 земји. Дипломирала на Универзитетот Тама, на Катедрата за јапонско сликарство. Во 1986 г. го основала театарот ИТО-ГУМИ, во кој се комбинираат повеќе уметнички форми – монодрама, сликарство, видео, јапонска традиционална музика и танц“, информираат од Филолошкиот факултет.
Денес, 1 јуни 2024 г., Друштвото на писателите на Македонија одржа редовно изборно Собрание, на кое беа избрани новите раководни органи, а беа усвоени и измени и дополнувања во Статутот на Друштвото.
За претседател на Друштвото е избран Живко Грозданоски, а за членови на Управниот одбор се избрани: Зоран Анчевски, Виолета Танчева-Златева, Марина Мијаковска, Сузана В. Спасовска, Бранко Цветкоски и Димитар Пандев.
Избран е и Суд на честа, кој го сочинуваат: Лидија Капушевска-Дракулевска, Санде Стојчевски, Анастасија Ѓурчинова, Владимир Мартиновски и Славе Ѓорѓо Димоски.