Лепорифобија или страв од - зајчиња

За оние кои страдаат од реткиот феномен на страв од зајци нема полош момент од Велигден, со сите тие украси и чоколадни фигури на ова животно. Тоа би требало да асоцира на плодност и будење на природата, ама лепорифобот има поинакви мисли.

Зајачињата, со тоа муцето и ушињата што мрдаат и на најмалиот звук, за многумина се најслаткото нешто што може да се замисли. Но луѓето кои имаат фобија од зајак (на латински lepus) не се согласуваат. Овој страв е познат од дамнешни времиња, од древните Еѓипјани преку Келтите до Ирците. Нивните митологии ги претставувале зајаците како лукави и злобни суштества (слично на лисиците). Oва особено важи за поголемите, диви зајаци, кои со оглед на тоа што живеат во дупки асоцираат на подземјето и на друг, магичен свет. 

Во ирската традиција постои народна приказна, „Крадењето на млекото“, во која селанец забележува зајак како цица млеко од неговите крави. Тој пука во зајакот, го погодува во нога и го следи до дупката. Под земја наоѓа ранета жена, која крвари од ногата. Суштеството е всушност вештерка, што го отсликува верувањето дека луѓето можат да се претвораат во животни со хтонски (демонски) карактеристики, како на пример зајакот. Дополнително, приказната се случува на посебен датум - 1 мај, кога се будат натприродните суштества. Тоа е точно половина година од Ноќта на вештерките, крајот на жетвата. Бидејќи 1 мај според келтскиот календар е почеток на жетвата, токму тука се паѓа границата помеѓу едниот и другиот свет. 

И во древен Египет зајаците биле поврзувани со оностраното. На гробниците често се среќаваат богови со зајачка глава во група со други божества кои одлучуваат за судбината на починатиот на Судниот ден. Древните Грци и Римјани верувале дека зајаците се симбол на плодноста, асоцирајќи ја со Афродита. Штом нешто е симбол на раѓањето, природно е поврзано и со смртта, односно со циклусот на животот и повторното раѓање, што ја објаснува и врската на зајакот со Велигден. 

Лепорифобијата сепак не е само нешто од минатото. Страшни зајаци и денес се дел од приказните, видео игрите, филмовите. Еден од пооткачените примери е хоророт од Б продукција „Ноќ на зајаците“ од 1972, во кој група луѓе се обидува да ја намали популацијата на овие животни со хормонален серум. Експериментот тргнува наопаку па тие се претвораат во огромни чудовишта што ги јадат луѓето. Ова може да се толкува и како порака дека западното општество денес е дисконектирано од природниот свет, па оттаму дури и безопасни животни како зајаците можат да делуваат морничаво. 

4 мај 2024 - 10:28