Лисиците ги засакаа еколошките кабли

Во настојување да се замени омразената нафта од која се добиваат секакви производи, меѓу другото и изолациони материјали, во автомобилите во последно време се ставаат еколошки прифатливи изолации на кабли, најчесто на база на соја и кикирики. Англиските лисици си рекле, ние глупи ли сме гладни да остануваме на толку вкусни грицки наоколу?

Во места во Англија, особено ако се блиску до шума, можат да се забележат сè повеќе автомобили покриени со ПВЦ церади. Не се бранат од прашина или од врнежи на град туку од лисици кои ги имаат бендисано за јадење модерните еколошки кабли.

Веќе извесно време, согласно трендовите, производители на автомобили ја менуваат старовремската пластична изолација со еко-френдли изолација, изработена од восоци и масла од соја и понекогаш кикирики. Лисиците го имаат намирисано тоа па знаат за кратко време да излупат и замезат по 20 коли во едно место.

Новата, хранлива изолација се користи во разни делови на автомобиот, во каблите за кочниците, изолацијата на менувачот, жиците за дизел инјектори и друго. Најдостапни им се каблите од сопирачките.

„Постојат две причини зошто лисиците им се пуштаат на автомобилите. Првата е дека некои кабли можат да бидат на база на соја што ги привлекува. Второ, во течноста за сопирачките има нешто што се нарекува гликол, што е алкохолна течност со сладок вкус, па и тоа ги привлекува. Но, за да можат да ја намирисаат течноста, прво мора да го изџвакаат кабелот“, објаснува Џеф Кузенс од националната автомобилска асоцијација.

13 мај 2024 - 13:16