Поранешен играч на Барса, го пратил братот-близнак наместо него во Динамо Букурешт

Романскиот фудбал се соочува со голем скандал, откако се испоставило дека фудбалер на Динамо Букурешт не бил тој за за кој сите мислеле дека е, туку неговиот брат близнак.

Најбизарна приказна повторно ни доаѓа од Романија. Истрагата во тамошниот фудбал открила дека Едгар Ие, фудбалер роден во Гвинеја-Бисау кој потпишал договор со Динамо Букурешт во февруари годинава е всушност братот близнак на фудбалерот.

Ова е дефинитивно за филм.

Одиме со ред.

Едгар Ие има 30 години и игра како стопер и бек во одбраната. Тој своите први фудбалски чекори ги почнал во својот матичен клуб Униао Бисау, па тренирал во Еираш и во Спортинг Лисабон.

Како голем талент го препознале скаутите од Барселона па набрзо преминал во академијата на гигантот, а својот раскошен талент го потврдил и во Барселона Б, вториот тим на Каталонците за кои одиграл 48 меча.

Во меѓувреме бил позајмуван во Виљареал Б и во португалски Белененсес од Лисабон. Подоцна кариерата го носи во француски Лил, во Нант и во Трабзонспор со кој освоил Куп на Турција, играл запазена улога и во Феенорд. Имал и 1 настап за Португалија.

КАКО НАПРАВИЛЕ ДУБАРА?

Како што меѓу првите соопшти романскиот новинар Даниел Шендре, во Динамо Букурешт посомневале дека наместо Едгар Ие во клубот дошол неговиот брат близнак Еделин. Трансферот бил реализиран зимава, а играчот договорил да заработува 18.000 евра месечно.

Братот-близнак Еделин повеќе време од кариерата поминал во Португалија и Полска и не бил толку познат како братот.

Како што пишува романски Fanatik, во Динамо Букурешт посомневале дека нешто не е како што треба откако играчот одбил да покаже лични документи, притоа не зборувал англиски а биле уверени дека Едгар зборува одлично англиски што е и вистина. Ама брат му не знаел.

Сомнежот настанал и кога клубот сакал да му даде возило од клупскиот спонзор но Еделин Ие но тој одбил, односно не сакал да ги покажува личните документи.

Сега Динамо Букурешт се соочува со драстична казна и службени порази на 5 меча на кои учествувал Еделин Ие. На тие натпревари „црвено-белите“ освоиле 8 бода и доколку би останале без нив, скапо би ги чинело и би испаднале во втора лига.

„Не сакаме да даваме никаков коментар за Едгар Ие. Кога ќе бидеме во позиција, ќе објавиме соопштение“, прокоментирале од Професионалната фудбалска лига на Романија.

13 мај 2024 - 11:32