Историја за Олимпијакос, четири клуба ќе им играат во финале на еврокупови

Во историјата на грчки Олимпијакос немало ваква сезона. Нивните навивачи едвај ќе постасаат да ги изгледаат сите битки за трофеи. Ќе играат финале во фудбал, кошарка, ракомет и ватерполо.

Олимпијакос со вкупен резултат 6:2 (2:4 и 2:0) ја растури Астон Вила во полуфиналето на Лига Конференции и обезбеди пласман во големото финале овој турнир кое ќе се игра во Атина. Противник ќе им биде Фиорентина.

Апсолутен херој на Олимпијакос е 30-годишниот Мароканец Ајуб Ел-Каби кој е прв стрелец во Лига Конференции со 10 гола на 8 меча. Тој дури 5 погодоци постигна во двомечот со Вила: хет-трик на гости и два дома. Вкупно сезонава Ел-Каби има 32 гола на 46 меча во сите натпреварувања.

ИСКУСНИОТ МЕНДИЛИБАР ВТОР ПАТ ПО РЕД НОСИ ЕКИПА ВО ФИНАЛЕ

Хозе Луис Мендилибар, искусниот шпански стручњак кој на клупата на Олимпијакос седна во февруари, направи чудо и го однесе клубот од Пиреја во финале на Лига Конференции.

Минатата сезона Мендилибар седна на клупата на Севиља во март среде срезона, а само пар месеци подоцна стигнаа до финале на Лига Европа каде ја совладаа Рома на пенали 4:1 откако регуларниот дел заврши 1:1. Тој пехар беше прв во кариерата на 62-годишниот Мендилибар кој сега ќе има шанса да влезе во историјата со втор трофеј од Лига Европа.

ЧЕТИРИ КЛУБА НА ОЛИМПИЈАКОС ВО ЕВРО ФИНАЛИЊА!

Спортското друштво Олимпијакос од Пиреја има сезона од соништата. Освен фудбалерите, за евро пехар ќе се борат уште и кошаркарите, ракометарите и ватерполистите.

Кошаркарската секција на Олимпијакос направи голем брејк и славеше во мајсторката против Барселона на гости па со вкупен резултат 3:2 во победи се пласираше на трет Фајнал фор по ред. Таму ги чека пеколна завршница со Реал Мадрид, Фенербахче и нивниот лут ривал Панатинаикос.

Ракометарите на Олимпијакос по ремито на гости 28:28, го победија унгарски ФТЦ Грин Колект 39:32 на реваншот од полуфиналето на ЕХФ Евро Купот и во големото финале ќе играат против исландски Валур.

Финалето на овој ЕХФ Евро Куп се игра со двомеч а Исланѓаните ќе бидат домаќини на првиот меч.

Чудото на Олимпијакос сезонава го зачинија и ватерполистите на ова спортско друштво кои ќе играат на Фајнал Фор во Лига на шампиони каде за трофејот ќе се борат уште и Нови Београд, Ференцварош и Про Реко.

10 мај 2024 - 09:11