Шкотски уметник собира 1984 примероци од Орвеловата „1984“-та

Уметникот Ханс К Клаусен објави повик читателите да му испраќаат примероци од дистопискиот роман на Орвел, заедно со нивните лични доживувања. Тие ќе бидат дел од инсталација која ќе ја одбележи 75-годишнината од излегувањето на ова славно дело. 

Примероци од дистопиското ремек-дело на Орвел, „1984“, со месеци пристигнуваат во уметничко студио во Единбург. Ги има во секакви големини и дизајни, а се испратени од Украина, Хонг Конг, Перу, Германија, Сараево.

Некои се во одлична состојба, други се со пресвиткани страници, со дамки од чај, со голем број белешки. Еден примерок изгледа преживеал поплава, а притоа е прво издание од книгата; друга е верзија во форма на графичка новела, која била испратена од Ричард Блер, синот на Орвел.

Сите овие се дел од уникатна инсталација која на почетокот на јуни ќе биде поставена во општинската сала во Јура, дел од архипелагот Хебриди крај западниот брег на Шкотска, каде Орвел, во голема беда и многу болен го напишал романот при крајот на 1940-тите. 

Организатор на проектот е Ханс К Клаусен, скулптор од Единбург, кој го има замислено како „жива“ скулптура, каде посетителите ќе можат да го отворат и да го ѕирнат секој примерок. 

Поставката ќе се вика „Библиотеката на Винстон Смит на победа и вистина“, и ќе биде „споменик на отпорноста на печатениот збор“. Замислата на Клаусен е да ја заокружи бројката од 1.984 копии, за што му фалат уште стотина. Може да се испраќаат и аудио книги и филмови на ДВД. Аудиокнигите ќе бидат пуштани преку широкоаголни звучници слични на оние на омниприсутните говорници кои ги индоктринираат граѓаните на Ерстрип Уан. 

10 мај 2024 - 11:26