Свински чунови од тиквички

Се враќате после долг и напорен ден од работа, ја симнувате маската за правење лице и веднаш се фрлате на медитација: практикувате пцуење на сè од А до Ш у фирма. Пцуете у себе, шамански. Откако ќе го достигнете зенот, се раѓа гладта. Се двоумите дали дали да потклекнете пред злобниот но удобен конзумеризам и гарфилдски да нарачате храна од надвор, или пак да останете верни на дисциплината и тоа што сте си го ветиле претходната недела: дека нема да му правите ќеиф на капиталистичкиот ѓаол така што ќе си готвите дома.

А сте начукале триесе, плус се луксузирате со жени, мажи, деца, швалери/ки. Се будите уморни, а не па после работа. Но, како велат мудрите зен побратими од далечниот исток: “Магијата се крие во работата што ја избегавате“. Ве мотивира некоја ваква будистичка семе-синапово мисла и смело станувате да ја поразите вашата долгогодишна цимерка - мрзата.

Влагате во кујна и налетувате на непријателот со реден број два - недостатокот на инспирација. Што ли да зготвите а да не биде реприза на репризата? Башка имате член во семејството алергичен на глутен или некоја слична пост-милениумска измишљотина. Пастата веќе ви е незгодно у очи да ја погледнете, замрзнатите лиснати се кренале на штрајк, компирот се отселил у Берово. Значи барате нешто шо нема да ви одзема премногу време и енергија, а во исто време ќе биде здраво, а по можност и вкусно.

„Храна за возрасни“ ви ја доставува оваа утопија директно во вашите дисплеи. Спремни, за прозор, четири, скрол:

Грабате 2-3 тиквици и самурајски ги сечете на пола. Напречно. Со лажица ги отстранувате семките и срцевината оставајќи ги само ѕидовите од тиквиците. Вака создавате тикварски кануа. Ги посолувате. Минута време работа.

Ги вадите вашите омилени колбаси, ги раскомбосувате од ‘целофанчето‘ и парчињата мелено месо го распоредувате во празните кајчиња од тиква. Уште минута време работа.

Вака наполнетите лотки ги праќаме да пловат у рерна загреана на 200 степени. 15 минути.

Потоа ги вадиме, рендаме пармезан и уште 7 минути рикверц. За тоа време во голема чинија за сервирање инсталираме доматен сос и малку песто (може и домашно и купечко).

Откако рернопловските убавици се готови ги поставувате врз сосовите. Уште малку пармезан за инает на естаблишментот. И? Каде се сега вашите изговори дека се нема време? Испариле у заборав. Ги брцаме лотките низ сосовската лава, ги сецкаме на парченца, зависи од тоа шо калап ви е залакот, и целото семејство е подмирено.

За разлика од колегиумот и менаџментот, тивко во себе ги благословувате вработените во ‘Храна за возрасни‘ и брановите на Оффнет.

Лексилиум и на спавање.

Кирил Стоименов - у лотка роден

29 октомври 2023 - 11:02