„Лигња“ - нова криптовалута инспирирана од Сквид Гејм

Веднаш по веста дека на пазарот на криптовалути излезе нова под името Сквид, нејзината цена порасна од 1 цент (на 26.10) на 2,34 долари (денес, 29.10). Се проценува дека нејзиниот вкупен обем на пазарот е околу 184 милиони долари. 

Дистописката серија, која раскажува за група отпадници кои се натерани да играат смртоносни детски игри за пари (и за која пишувавме тука) стана сензација. Сега има и криптовалута - Лигња (Сквид) - базирана токму на принципот „играј за да заработиш“, според кој луѓето купуваат „токени“ за да играат онлајн игри каде можат да заработат повеќе жетони. Потоа истите можат да ги заменат за криптовалути или за пари. 

Во случајот со Сквид голем број купувачи ќе бидат гемјери кои ќе учествуваат во онлајн игра поврзана со серијата, која започнува во ноември. Колку што ќе има повеќе луѓе кои ќе се приклучат, толку ќе биде поголема добитната сума - што е точно истото што се случува и во серијата. Според соопштение на организаторите на играта, 10% од сумата која ќе се плаќа за регистрација ќе биде за оние кои ја развиле играта, додека останатите 90% ќе бидат за победникот. „Уште поважно, сето ова нема да има смртни последици“, се вели во документот.

„Влезницата“ за игрите има различна цена во зависност од рундите. На пример за првата игра, која исто како и во серијата се вика„Црвено светло, зелено светло“ таа чини 456 Сквидови (или Лигњи), но секоја следна од шестте станува поскапа. 

Оваа криптовалута се придружува на долга и растечка листа на дигитални монети и токени кои се „гребат“ од мемиња или културни феномени. Во моментот на највисоката популарност на тој феномен валутите постигнуваат вртоглави суми, но наивните инвеститори кои ќе бидат зафатени од вакви моментални побарувачки потоа ризикуваат големи загуби. 

29 октомври 2021 - 09:54