Букбокс гледаше на Киненова: „Опасни господа“ (2022)

Забавна крими-комедија која на едно место ги обединува најголемите имиња на полската литература и сликарство од крајот а 19 и почетокот на 20 век. Дури и да не ги знаете нивните биографии, доволно е да го замислите следново: Григор Прличев, браќата Миладиновци, Петар Мазев и Петре М. Андреевски се будат после пијана журка, а до нив има мртво тело на човек што не го познаваат. Како не ни текнало до сега, нели?

Јозеф Конрад (1857-1924), британско-полски писател; eден од најголемите автори кои пишувале на англиски; редовно спомнуван за Нобеловата која никогаш не ја добил; некогашен трговец-морепловец.

Станислав Виткаци (1885-1939), сликар, филозоф, драматург; експериментирал со различни наркотици; се дружел со Малиновски со кого заминал на пат во Австралија каде се скарале, најверојатно поради жена; се самоубил после нападот на нацистите на Полска.

Тадеуш Бој-Желенски (1874-1941), по професија доктор-педијатар, драматург, поет и критичар; преведувач на над 100 француски книжевни класици на полски; убиен од германските сили во 1941.

Бронислав Малиновски (1884-1942), антрополог и етнолог најпознат по својата работа на западниот Пацифик; функционалист; промотор на методот на теренско истражување „набљудување со учество“.

Овој попис на главните ликови во „Опасни господа“ на полскиот сценарист и режисер Мачеј Кавалски може да создаде впечаток дека тука станува збор за сериозна историско-социјална драма, која со оглед на времето и локацијата - почетокот на 20 век кога Полска е под австриска окупација - станува уште посложена. Но субверзијата на авторот е во тоа што „сувата“ историска материја ја сели во сферата на фикцијата, ставајќи ги на куп овие ликови, за кои не е познато дека некогаш навистина биле на исто место и во исто време.

(од лево кон десно - Малиновски, Виткаци и негов роднина, 1902)

1914, Закопане, град на југот на земјата кого во тоа време го нарекуваат „полски Париз“ поради интензивниот уметнички живот. Утро во вилата на Виткаци, после журка на која не се пие ама се конзумира халуциногена печурка-пејотл, четворицата имаат замаглено паметење за настаните од претходната ноќ. Во истата соба има мртов човек чиј идентитет не го знаат, а кој ќе стане централен лик околу кој ќе се создадат куп забуни, кои вклучуваат платени убијци, политичари, па дури и товаришот Ленин.

Најстариот Конрад е прибран и достоинствен, вистински Британец меѓу откачените Полјаци. Виткаци е бељаџијата, дополнително на работ на умот поради неодамнешното самоубиство на сопругата. Желенски е се уште во докторската фаза, загрижен за своите пациенти и лекарската репутација, која наскоро ќе ја трампа за живот на уметник и еден од најголемите критичари на полското општество. Малиновски на овој список проаѓа некако најбледо и кукавички (или токму во контекст на горенаведениот метод на набљудување со умерено учество), иако токму украдените пари кои тој и Виткаци ги собирале за својата далечна експедиција ќе станат важен елемент во приказната. Исто така бледо проаѓаат и женските ликови на значајни уметници од истиот период, кои служат само како декор во позадината на „опасните“ господа. Сепак, секоја појава на значајна фаца од историјата е одбележан со црно-бел телоп и фотографија од истиот. 

Изборот на ликови и исечок од историјата подразбира „локалност“ на филмот, кој пред сè се обраќа на домашната - полска публика, која го има наградено на Филмскиот фестивал во Варшава а од неодамна може да го гледа и на Нетфликс. Од голема помош е и екипата славни полски актери, меѓу кои Томаш Кот (познат по филмовите на Павликовски, како „Студена војна“) и Марчин Дорочински (кој игра со Том Круз во „Невозможна мисија 8“). Сепак, малку општа култура од областа на европската уметност или макар минимална подготовка на гледачот (гуглање на горенаведените имиња) би ја надминала оваа пречка. Истовремено, дека не станува збор само за комедија покажува една од клучните сцени во која ликот на Желенски се обраќа на аудиториум остро критикувајќи ја и религијата и тн. „револуционери“. Во разговорот по проекцијата со една од актерките во филмот, Марта Оржинска, таа дополнително го објасни контекстот и тоа дека монологот е всушност извадок од дело на овој автор. Фактот дека филмот го гледавме на денот на парламентарни избори во Полска само додаде на симболиката. 

Ептен би ни било ќеф да видиме македонска верзија. Одберете ги луѓето, пејотл-от е од нас.

Илина, Букбокс

16 октомври 2023 - 08:59