Чудниот случај на „Херлок Шолмс“

Оние кои ја гледале втората сезона на „Лупен“ сигурно забележале во кадар една книга со необичен наслов. За него има исто толку необична приказна.

Француската серија „Лупен“ е сосема солидна детективска игра базирана на фиктивниот лик на џентлменот-крадец и измамник Арсен Лупен на писателот Морис Леблан од 1905. Референци на неговите романи во кои се појавува истиот во неа се бројни, но има една која ги стави гледачите во недоумица - дали станува збор за пародија или за вистински наслов?

Во епизода од втората сезона главниот лик на Лупен, којшто го игра Омар Сај, тајно внесува книга во детската соба на син му како подарок. Камерата зумира на насловот, кој гласи: „Арсен Лупен против Херлок Шолмс“.

Краткиот одговор на прашањето кој е овој Херлок е - авторски права. Долгиот пак е многу позабавен. Артур Конан Дојл прв пат го претставил ликот на Холмс во својата книга „Студија во црвено“ од 1887, но тој станал популарен дури по серијата кратки приказни кој ги објавил во списанието Стренд, почнувајќи со „Скандал во Бохемија“ од 1891. Овој расказ, заедно со 11 други бил преведен на француски во 1902, како „Авантурите на Шерлок Холмс“.

Вниманието коешто го предизвикало ова издание во Франција го поттикнало новинарот Пјер Лафит, кој тогаш почнувал ново списание под наслов „Јас знам сè“, да го повика писателот Леблан и да му понуди да развие сличен карактер на домашно тло. Леблан се согласил и во јули 1905 се појавил Арсен Лупен, „речиси исто толку паметен како и Шерлок Холмс“.

Поради ваквите очигледни врски помеѓу двата лика, во 1906 во „Јас знам сè“ е објавена приказната „Шерлок Холмс пристигнува предоцна“ во која човек кој верува дека Лупен планира да го ограби го замолува Холмс да го истражи случајот. Овој случајно се среќава со Лупен и го идентификува, но не го апси, затоа што тоа би било прелесно. Сепак, Лупен го нема истото чувство на фер-плеј: му го краде (а потоа и враќа) часовникот на Холмс, само колку да докаже дека може да го стори тоа. Приказната завршува со изјавата дека „Лупен и Холмс еден ден повторно ќе се сретнат“. За несреќа на франшизата, Морис Леблан никогаш не го прашал Артур Конан Дојл за дозвола.

Во 1907 Дојл и неговите адвокати го контактирале списанието со опомена, да прекинат со објавувањето приказни во кои се спомнува Холмс. Но тоа претставувало проблем, затоа што читателите со нетрпение ги очекувале преостанатите четири делови од вкупно шест колку што им биле ветени од серијалот Лупен вс. Холмс. Решението било крајно неелегантно и смешно, но функционирало: третиот дел бил насловен „Херлок Шолмс ги започнува непријателствата“ и од тогаш натаму името на славниот детектив во приказните за Лупен гласело така. Вотсон бил соодветно прекрстен во „Вилсон“. Оттаму и книгата која се појавува во серијата, а која претставува втор том собрани раскази кои биле објавувани во спомнатото списание - Arsène Lupin Contre Herlock Sholmès

23 јуни 2021 - 18:15