Букбокс гледаше: „Загубениот крал“ или како една жена-аматер успеа да го најде гробот на Ричард Трети

Филм за добро расположение, базиран на вистинската приказна за пронаоѓањето на гробот на британскиот крал од страна на Филипа Ленгли во 2012. Но и многу повеќе од тоа - критика на академскиот естаблишмент кој суетно и арогантно знае да одбива свежи идеи и алтернативни приказни. 

Но јас, што скроен не сум за забави
нити создаден заводник да бидам,
роден алип, без дарба љубовна пред
накинџурена, блудна нимфа да се прчам,
јас, од става убава што сум лишен,
од творецот дволичен измамен, грд,
пред време на свет испратен, полуготов
одвај, толку гаден и неомилен
што пците на пат по мене лајат,
јас, во времево мирнодопско, благо,
немам начин друг денот да ми мине, освен 
сенката на сонце да си ја следам
и подбив да бијам со изгледот свој.“

(Шекспир, Ричард Трети, препев: Драги Михајловски)

Фокусирајќи се на денешните медиуми и нивната моќ да креираат и шират лажни вести, забораваме дека таков потенцијал зборовите го имале отсекогаш, макар биле и во облик на софистицирани драми во стихови и раскошни ритми и рими.

Идејата за тоа кој и каков бил Ричард Трети, кој владеел со Англија од 1483 до својата насилна смрт во 1485, во голема мерка е формирана од оние кои го наследиле - династијата Тудор која ја добила тн. Војна на розите и го поставила Хенри Седми за крал. Претставата за Ричард Трети како „узурпатор“ на тронот, грд и во физичка и во морална смисла, биле буквално отсликани и во портретите кои биле правени по неговата смрт - замижани злобни очи и прсти како канџи, со долги, орелски нокти.

Ричард бил убиен на 22 август 1485 во битката кај Босворт од удари по главата, а до 2012 се сметало дека неговото тело било фрлено во реката Сор, каде на наводното место, во градот Лестер, до тогаш имало и комеморативна плочка. Со ваквиот чин непријателот сакал да го понижи и него и неговите следбеници, укажувајќи дека не заслужува ни погреб, а камо ли од кралски вид.

Нов филм на Стивен Фрирс под наслов „Загубениот крал“ (достапен на ХБО) ја раскажува приказната за неверојатното откритие на гробот на Ричард Трети од 2012, кој е таков пред сè затоа што било направено не од извикани стручњаци, професори, истражувачи со тапија туку од аматер-љубопитник.

Филипа Лeнгли, „обична“ службеничка во трговска фирма, откако со синот присуствува на изведба на Шекспировата „Ричард Трети“, доживува нешто што може единствено да се протолкува како откровение. Почнува да се сомнева во тврдењата на официјалната историја (и на самата драма, напишана цел век по смртта на Ричард) за ликот и делото на кралот и по детално истражување на достапната литература и голгота на убедување на оние „од високото добро утро“ да помогнат, успева - за еден ден! - да го најде „алипното“ (деформирано од сколиоза) тело со знаци на удар со тежок предмет по главата под паркинг на социјалните служби во Лестер. Таму некогаш се наоѓал манастир, што значи дека неговиот труп сепак не бил дивјачки фрлен в река, туку погребан на свето место, на кое по некоја интуиција со генерации не било изградено ништо ново. „Барај отворен простор“ ја советува Филипа друг истражувач, и таа го наоѓа, обележан со големо Р, како во „резервиран“ (паркинг), или во „Ричард“. ДНК анализата покажува дека остатоците се навистина негови и тој во 2015 е препогребан во катедралата во Лестер, сега со кралскиот грб како ознака дека и тој е дел од официјалната лоза, а не „узурпатор“ на тронот. 

Сали Хокинс во главната улога успева да ги долови сите предизвици на тоа средовечна жена без никакви официјални „тапии“ да навлезе во машкиот, многу британски свет на „експерти“ кои не оставаат ни ѕирка ни проѕирка за нови толкувања и идеи, особено поврзани со британската историја. Таа ја напушта својата сигурна работа за да се зачлени во Друштво на почитувачи на Ричард III, каде уште на првиот состанок еден од членовите ја прашува - „А зошто си тука? Ти си толку...нормална“. Проучувачите на алтернативна историја насекаде ја имаат таа аура на отпадници, но во овој случај таа и тие успеваат во докажувањето на својата теза. Најинтересно е што ја советуваат нејзините поддржувачи кај различните спонзори, од каде бара средства за скапиот проект. „Не ги спомнувај своите ЧУВСТВА!“, велат тие, укажувајќи на тоа дека во науката следењето на својата интуиција не е аргумент, туку можеби патемен елемент кој не треба да се спомнува во добро и учено друштво. 

А Филипа токму тоа го прави цело време - го следи своето чувство дека Ричард е таму, често пати зборувајќи со него и запознавајќи го како личност а не само како еднодимензионален историски лик. Овие дијалози со замислениот крал (со ликот на актерот кој го игра во спомнатата претстава од почетокот на филмот) го разводнуваат дејството и прават Филипа да изгледа ко луда, и во очите на домашните, и во очите на гледачот, па можеле да се сведат на минимум. Сепак, Хокинс е толку добра во улогата што и ова се простува. Трогателно е и како нејзиното име по револуционерното откритие се заобиколува од „главешините“, особено од ректорот на Универзитетот во Лестер - додека елитата се собира на коктел, таа гостува на час во основно училиште зборувајќи за потребата за критичко размислување. 

Вистинската Филипа подоцна сепак добива титула Член на редот на британската империја и учествува во следни проекти на пронаоѓање на вистината за други историски личности. 

Бенедикт Камбербач чита специјално напишана песна на погребот на Ричард Трети, од Керол Ен Дафи:

1 јули 2023 - 10:18