Букбокс гледаше: „Те дуа, жими мене“ (2023)

Како и речиси сите македонски долгометражни филмови, и овој најпрвин требало да го надмине основниот предизвик - воопшто да биде снимен. Независна продукција со одлична актерска екипа која слободно може да чита и телефонски именик, тоа е забавна комедија на забуни, која си подигрува со балканските стереотипи.

Во најдобрите британски акциони комедии има смотани крадци-аматери, бескрупулозни местачи на боксерски мечеви, маалски преваранти и руски мафијаши.

Во најдобрите македонски акциони комедии, ако оваа категорија ја растегнеме до пукање за да собере барем неколку филмови, до сега имаше свекрви завиткани во тепих, размена на мртви жени на планински превој и колачи со нешто на „м“. Е од сега има и нешто повеќе: градски деца на „бело“, поп со дополнителна дејност, албански мафијаши со „рамбовки“ со Че и пирсана була во фрижидер за длабоко. Значајно проширување на списокот и предизвик за следниот филм со вакви жанровски амбиции, кога истиот ќе треба да се надгради и прошири. 

„Те дуа, жими мене“, како и речиси сите македонски долгометражни филмови, најпрвин требало да го надмине основниот предизвик - воопшто да биде снимен. Никола Кузелов, сценаристот кој толкува и една од главните улоги (за нас непрепознатлив на големото платно) и Марјан Гавриловски, режисерот, филмот го склопиле без финансиска поддршка од владини, невладини, фондови и агенции и, како што самите велат, со многу човечки однос на актерите, кои го споделиле нивниот ентузијазам. 

Така е добиена екипа која слободно може да чита и телефонски именик, од искусните Мими Таневска, Владо Јовановски, Сенко Велинов, Тони Михајловски, Игор Џамбазов и Фирдаус Неби, до помладите но одлични Атанас Атанасовски (за кого и била пишувана улогата) и Валентин Видовиќ, кои заедно со спомнатиот Кузевски, го сочинуваат откаченото трио Двојче-Сакс-Кокан, кое по алкохолизирана и „напраена“ слава запаѓа во разни бељи. Посебно плени изведбата на Ангела Стојановска (исто така тешко препознатлива поради бурката, девојката што ја знаеме и од платформата за аудио книги Самоглас), која со многу малку текст на албански, но со суптилен невербален израз ги доловува сите нијанси на својот лик. 

Приказната која на моменти бега од шините и има по некоја логичка „дупка“ е крајно забавна, со сатирични ноти, особено кога се во прашање балканските стереотипи. Албанците како да мораат да бидат мафијашите, но затоа помеѓу нив има и благо феминизиран музички продуцент во свилен пењоар. Градските фраерчиња се на површината груби и недоделкани, но тоа не значи дека не можат да си го стават животот на коцка спасувајќи јагне. По грешка земената невеста-Албанка можеби е забулена, но и таа може да посака да има пирс во носот како и скопските женски. Најлошо изгледа проаѓа попот со џипот и валканите зделки, за кого изгледа нема спасение. 

Ако нешто може да му се замери на филмот тоа се некои предолги или непотребни сцени, кои на авторите веројатно им било жал да ги баталат. Ако на следниот подоследно го следат советот кој му се припишува на Вилијам Фокнер (а често го цитира и Стивен Кинг) - kill your darlings, веруваме дека во нив има потенцијал за македонски Гај Ричи или Eдвард Рајт. 

Премиерата на филмот се случи вчера, петок 22.09, а филмот ќе игра и на редовен кинорепертоар во Скопје и низ Македонија. 

Илина, Букбокс

23 септември 2023 - 14:07