Букбокс гледаше: „Атена“ (2022)

Роман Гаврас е познат по неколку работи: по тоа што е син на славниот Коста Гаврас, по режирањето на спотови за М.И.А. и Кање Вест, по бившата Рита Ора и сегашната Дуа Липа. „Атена“ е негов трет игран филм, премиерно прикажан на ланскиот Венецијански филмски фестивал, кој комбинира наратив кој потсетува на старогрчка трагедија со визуелни ефекти на масовни акциони филмови. Важен елемент е и музиката, од која дел е снимен во Скопје.

Крајностите на филмското прикажување на современата социјална ситуација во Франција изгледаат отприлика вака. Од една страна брутални, потресни и, од денешна гледна точка визионерски филмови како „Омраза“ на Касовиц или „Клетници“ на Лаџ Ли. Од друга, зашеќерени драмедии (веројатно дотирани од државни француски институции), од типот на „Серија на лоши свадби“ (во оригинал: Qu'est-ce qu'on a fait au bon Dieu?), во кои конзервативно француско семејство се соочува со предизвикот да се ороди со имигранти, со „фил гуд“ крај, кој треба да поттикне позитивни чувства кон мултикултурноста. Уште во првите десетина минути е јасно дека „Атена“ не спаѓа во вторите. 

Тие, имено, лесно можат да влезат во антологија на некои од најдобрите во акционата филмска историја - спектакуларно снимен во нешто што изгледа како еден кадар, почетокот навистина личи на музички спот, придружен со хорско пеење и триумфална музика, што додава оган на и онака вжештената атмосфера. Фиктивната имигрантска населба Атена, која го носи името на старогрчката божица на мудроста и војната, е на нозе откако тинејџерот Идир без причина е убиен од луѓе во полициска униформа. Главните актери во настаните кои следат се неговите тројца браќа - Абдел, oдликуван воен ветеран; Моктар, локален гангстер и Карим кој ја презема улогата на водач на бунтот. 

Нивниот став кон истата работа - трагичната загуба на нивниот мал брат - е различен. Абдел се обидува да ја рационализира ситуацијата и да спречи ескалација во и онака наелектризираната населба. Карим одбива да направи компромис и оди на сè или ништо. Откако на самиот почеток со Молотов коктел ја прекинува прес конференцијата на кој брат му повикува на воздржување од насилство, тој станува де факто водач на разулавената толпа вооружена со импровизирано, но и со запленето полициско оружје. 

Она што следи е типична трагедија во која е очигледно дека нема победник и која би можела да се преслика и во други класно и расно тензични средини. И покрај сета бруталност, филмот е неочекувано нежен кон полициските сили, а крајот делува како да бил спонзориран од Министерството за внатрешни на Франција. Она што останува се актерските остварувања, особено на дебитантот во улогата на Карим (Сами Слимане), непрекинатите кадри и масовните сцени, како и музиката на Беноа Хајц, попознат по неговото сценско име Суркин. Во документарецот „Како се снимаше Атена“, исто така достапен на Нетфликс, се откриваат технички детали за снимањето, но и такви за музиката. На пример дека дел од вокалите се снимени во Грција со неколкуте тамошни пејачи кои можат да постигнат најдлабоки бас ноти. А дека дел од инструменталите се снимени во музичкото студио „Фејмс“ во Скопје. 

Илина, Букбокс

11 јули 2023 - 12:09